
Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи и Одделението за сообраќајно и ескортно обезбедување денеска спроведоа засилена акциска контрола на подрачјето на Куманово, насочена кон санкционирање на учесниците во сообраќајот кои не ги почитуваат законските прописи.
Во контролата, која се реализираше во периодот од 14:00 до 20:00 часот, биле изречени вкупно 70 мерки за сторени сообраќајни прекршоци и кривични дела.
Од вкупниот број санкции, девет биле изречени на возачи на електрични тротинети, 39 на возачи на мотоцикли кои управувале без заштитна кацига, две мерки за мотоцикли со измината важност на сообраќајната дозвола, три мерки за управување со несоодветна категорија, три за неносење или непродолжена возачка дозвола, како и осум мерки за неистакната регистарска таблица.
Дополнително, изречена е една санкција за возење под дејство на алкохол и една за истечена полиса за осигурување.
Во текот на контролата бил одземен еден мотоцикл поради непродолжена регистрација подолга од шест месеци. Полицијата открила и четири кривични дела, од кои три се однесуваат на малолетни лица кои управувале мотоцикли.
Едно лице било лишено од слобода поради сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ согласно член 297-а од Кривичниот законик. Во рамки на постапката биле одземени три мотоцикли и еден четирицикл.
За сите сторители се поднесени соодветни пријави и поднесоци. Од МВР најавуваат дека засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредниот период, со апел до граѓаните доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за поголема безбедност на патиштата.


