
Руски научници развија нови препарати за дијагностицирање и лекување на глиом, еден од најагресивните форми на тумори во мозокот, објави Министерството за наука и високо образование на Русија.
Како што наведе министерството, тим истражувачи и лекари презентираа нови пристапи за откривање и лекување на болеста, вклучително и употреба на радиоактивни аптамери во дијагностиката.
Според соопштението, новиот радиофармацевтски препарат се користи во ПЕТ/КТ дијагностиката, каде што аптамерите се врзуваат за туморското ткиво по интравенозна администрација и овозможуваат негово попрецизно откривање.
Во терапевтскиот дел од истражувањето, научниците ги поврзаа аптамерите со антитуморски молекули за да ги насочат лековите директно кон клетките на глиомот, со цел да се зголеми ефикасноста на третманот и да се намали оштетувањето на здравото ткиво.
Истражувачите рекоа дека идентификувале и неколку аптамери кои ја зголемуваат чувствителноста на туморските клетки на радиотерапија, а воедно го ограничуваат нивното ширење на здрави делови од мозокот, што би можело да го намали ризикот од повторување на болеста и да го продолжи животот на пациентите.
Една од насоките на истражување вклучува примена на молекуларниот коктел „GQ comby“, за кој научниците тврдат дека може да ги „репрограмира“ малигните клетки.
Според Министерството за наука, новите препарати покажале охрабрувачки резултати во претходните истражувања, моментално се во процес на патентирање и се подготвуваат за претклиничко тестирање.

