
Денес пред нас стои првиот Конгрес на новата одговорност, денес не ни треба нов партиски речник, туку ни треба нов морален завет, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешниот 32 програмски Конгрес на партијата „Твоја држава-твоја шанса”.
Во обраќањето, Филипче посочи дека целта на овој Конгрес не е да биде само свечено усвојување на нова идеолошка платформа, туку враќање на СДСМ кон суштината на социјалдемократијата.
„Денес сме собрани не само за да изгласаме документ. Туку да одлучиме дали СДСМ ќе стане тоа што отсекогаш требало да биде: совест на државата, глас на трудот, заштита на понижениот човек и политичка храброст во моменти кога таа е најпотребна. Денес не ни треба нов партиски речник, туку ни треба нов морален завет. Тој завет почнува од трудот. Од работникот што станува рано, а легнува со страв. Од жената што работи две смени секој ден, едната за плата, другата дома без никакво признание. Од младиот човек што учи, дипломира и пак не знае каде ќе заврши додека мечтае да отпатува во еден правец. Од земјоделецот што ја знае цената на секоја капка пот, а не ја знае цената по која ќе му го откупат родот. Од малиот стопанственик што плаќа сè додека големите бизниси наоѓаат дупки во системот. Од пензионерот што не бара луксуз, туку едноставно сака мир”, рече Филипче.
Во воведното обраќање пред членовите на СДСМ и коалицијата, пред сестринските социјалдемократски и прогресивни партии од Европа и регионот, и пред другите присутни гости, Филипче порача дека вистинската социјалдемократија не ја мери државата по висината на говорницата, туку по квалитетот на живот на граѓаните.
„По висината на платата, по правото на лекување, по квалитетот на училиштето, по достоинството на пензионерот, по сигурноста на работникот, по шансата на младиот човек да остане дома не од инает, туку од надеж. Таа не верува во милостина, туку во праведност. Социјалдемократијата значи траен систем што му овозможува на секој чесен човек да живее од својот труд. Тоа е и духот во кој европските социјалдемократски партии ги дефинираат своите вредности: демократија, слобода, еднаквост, солидарност и правда”, рече Филипче.
Тој додаде дека Социјалдемократијата никогаш не била само партиска боја, ниту изборен украс, ниту пак збор што убаво звучи во кампања. Социјалдемократијата е длабоко човечка идеја.
„Таа почнува од едно едноставно, но големо убедување: дека државата не постои за силните да станат уште посилни, туку за послабите да не останат сами. Дека слободата без еднаква шанса е привилегија. Дека пазарот без правила станува џунгла. Дека профитот без одговорност станува алчност. Дека патриотизмот без грижа за обичниот човек е само мачкање очи”, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
СДСМ останува доследен на суштинските вредности на социјалдемократијата, правда наместо привилегии, солидарност наместо страв и поддршка за обичниот човек. Филипче потенцираше дека најважни се темелите и принципи врз кои е изградена социјалдемократијата и јасна определба за политики што ќе обезбедат еднакви шанси, социјална правда и достоинствен живот за граѓаните.
„СДСМ се држи до суштината на социјалдемократијата: правда наместо привилегија, солидарност наместо страв, фер оданочување наместо товар врз трудот, силни институции наместо партиска држава и европска иднина наместо националистичка магла”, рече Филипче.
Во своето обраќање, Филипче нагласи дека социјалдемократијата е идеја што го става човекот во центарот на политиките и се грижи за оние на кои им е најпотребна поддршка.
„Социјалдемократијата е длабоко човечка идеја. Таа почнува од едно едноставно, но големо убедување: дека државата не постои за силните да станат уште посилни, туку за послабите да не останат сами. Дека слободата без еднаква шанса е привилегија. Дека пазарот без правила станува џунгла. Дека профитот без одговорност станува алчност. Вистинската социјалдемократија не ја мери државата по висината на говорницата, туку по висината на платата, по правото на лекување, по квалитетот на училиштето, по достоинството на пензионерот, по сигурноста на работникот, по шансата на младиот човек да остане дома не од инает, туку од надеж. Таа не верува во милостина, туку во праведност”, рече претседателот на СДСМ.


