Skip to main content
Македонија

Филипче: Пораките од Тиват ги разобличија сите лаги на Мицкоски за Европа

06/06/2026  18:39

Пораките испратени од Тиват јасно ја покажуваат реалната позиција на Европската Унија кон процесот на проширување и ги демантираат лагите што се пласираат од Мицкоски за европската перспектива на земјата, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, на прес-конференцијата во рамки на меѓународната конференција „Скопска иницијатива” и „Корчуланска висока политичка школа”.

„Јасна и гласна е пораката од Самитот за Западен Балкан на Европската Унија во Тиват и на тој начин се разобличуваат лагите на авторитарните режими како кај нас така и во регионот. Да ве потсетам, две години наназад слушаме од високи претставници на власта, од премиерот, од вицепремиерот, од претседателот на Комисијата за европски прашања дека во Европската Унија нема никаква намера да се продолжи процесот на проширување”, потенцираше Филипче.

Филипче посочи дека последните пораки од европските лидери го менуваат тој наратив и ја потврдуваат отвореноста на Унијата.

„Очигледно е дека високите претставници, конкретно претседателот на Франција, канцеларот на Германија, решиле дека на граѓаните на Западен Балкан треба јасно да им се упати пораката дека не треба да им се верува на лажните пропаганди и лажните кампањи дека во Европа не нè сакаат. И затоа канцеларот Мерц јасно, гласно и недвосмислено кажува: вие сте добредојдени во Европската Унија. Со тоа се разобличува ќе повторам уште една од низата лаги на премиерот Мицкоски, на ВМРО-групата изминативе две години, дека што и да направиме во Европа не сме добредојдени.”, посочи Филипче.

Филипче обвини дека владата нема кредибилен аргумент пред новите пораки од Европската Унија.

„Прашајте го премиерот, какви гаранции тој и неговата влада бараат? После вакви јасни, недвосмислени пораки, луѓето немаат повеќе што да кажат и очигледно е дека оваа влада е антиевропска. Што ќе направат следно? Сега кога очигледно е дека Црна Гора оди напред и Албанија исто така. Што ќе направи владата на Мицкоски сега?, потенцираше претседателот на СДСМ, Венко Филипче.