
Премиерот Христијан Мицкоски денеска коментирајќи за самитот во Тиват рече дека пораките што таму гу добил, биле најсилни во овие две години откако тој е премиер.
Мицкоски како што кажа неговиот оптимизам по самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват го темели и на тоа што само тој од лидерите од Западен Балкан имал билатерални состаноци со францускиот претседател Макрон и со германскиот канцелар Мерц. Тој рече дека Планот за раст за земјите од Западен Балкан ќе ѝ донесе напредок на Македонија и тој не е поврзан со процесот на проширување бидејќи и едното и другото паралелно продолжуваат.
„Точно знам што се зборуваше на тие состаноци и точно знам што ќе следи во периодот што е пред нас. На самите состаноци јас ја пренесов сета онаа политика и сè она за кое зборувавме изминатиов период. Од соговорниците добив одговори на некои од дилемите и кога ќе го имаме сето ова предвид, оттаму доаѓаат моите оптимизам и инспирација. Значи, не е точна тезата дека се потребни измени на договори за да може овој План за раст да биде функционален. Тој е така прецизно направен за да овозможи механизми и за тие кои се само кандидати. Точно е дека одредени делови од овој план подразбираат да бидат затворени одредени поглавја, но и тука ќе има одредени поместувања во следниот период, така што да ја видиме последната верзија, па сите ќе можеме да дискутираме. Во секој случај, ова е силна порака од страна на Европската Унија. Така што, имајќи го предвид сето тоа што го разговаравме таму, мене ми дава за право да дојдам до тој заклучок“, рече Мицкоски по посетата на Институтот за јавно здравје.


