Skip to main content
Македонија

СДСМ утре ја промовира „Скопска иницијатива” на меѓународна конференција

05/06/2026  13:32

Соопштение за јавност на СДСМ:

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија утре, 06.06.2026 година (сабота), ќе биде домаќин на меѓународна конференција на којшто ќе биде промовирана „Скопска иницијатива”, заедничка активност која ги обединува регионалните прогресивни и социјалдемократски сестрински партии за демократски, европски и просперитетен Западен Балкан.

„Скопската иницијатива” ја покрена претседателот на СДСМ, проф.д-р Венко Филипче со што прогресивните сили од регионот и Европа заеднички застануваат во борбата против авторитарните режими, борба против корупцијата и европска интеграција на регионот.

Целта на на меѓународната конференција е зајакнување на соработката меѓу социјалдемократските партии од регионот и Европа, како и креирање заеднички одговор на предизвиците со кои се соочува Западен Балкан.

Меѓународниот состанок претставува продолжение на регионалните и европските напори за мобилизација на прогресивните сили и се надоврзува на пораките од Самитот за глобална прогресивна мобилизација во Барселона. 

Овој собир на високо ниво се одржува и во година кога Корчуланската школа одбележува 15 години постоење како значаен регионален форум за политички дијалог, лидерство и промоција на прогресивни и социјалдемократски вредности.

Настанот е во организација на СДСМ и Корчуланската висока школа а во партнерство со Интернационалниот центар „Олоф Палме” и Центарот за нови иницијативи.

На состанокот, кој е на високо ниво, ќе присуствуваат и претставници на социјалдемократски и прогресивни фондации од регионот, од Партијата на европските социјалисти (PES), Групата на социјалисти и демократи(S&D Group), Социјалистичката интернационала (SI), Фондацијата за европски прогресивни студии (FEPS), од сестринските партии од Европската Унија, како и членови на Управниот одбор и Советодавниот совет на Родовата мрежа на Централна и Источна Европа и други партнери на Корчуланската школа.