Skip to main content
Економија, Македонија

Муцунски: Дигиталната трансформација, иновациите и ИКТ секторот треба да станат посилен дел од економската агенда со Грција

04/06/2026  14:09

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска присуствуваше и се обрати на Бизнис форумот на информатичко-комуникациски компании, во организација на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ и Здружението на информатички компании на Грција (СЕТПЕ), што се одржа во Скопје.

Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува уште еден важен чекор во градењето на ново поглавје на соработка меѓу двете земји, засновано не само на политички дијалог, туку и на економски раст, иновации и заедничка конкурентност.

„Интегрирањето на надворешната трговија во портфолиото на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија не беше само административна промена. Тоа беше политичка порака. Порака дека нашата дипломатија мора да испорачува повеќе трговија, повеќе инвестиции, поголем пристап до пазари и повеќе конкретни можности за нашите компании”, истакна Муцунски.

Осврнувајќи се на потенцијалот на домашниот ИКТ сектор, министерот нагласи дека тој претставува еден од најдобрите примери за тоа што може да постигне државата кога талентот, претприемништвото и меѓународните пазари се обединети.

„Нашата земја располага со силен потенцијал во ИКТ секторот. Имаме високо квалификувани професионалци, динамични компании, конкурентни деловни услови и млада генерација која е амбициозна, креативна и глобално поврзана”, рече министерот.

Тој посочи дека со придонес од речиси 5 проценти во БДП и годишни приходи од приближно 1,65 милијарди евра, ИКТ секторот претставува еден од клучните столбови на македонската економија.

„Но, ние не го гледаме тоа само како економска статистика. Ние го гледаме како национална можност. Можност младите луѓе да останат дома. Можност да привлечеме сериозни инвестиции. Можност да ги поврземе нашите компании со европските и глобалните синџири на вредност.

Можност да ја позиционираме Северна Македонија како регионален центар за дигитални услуги и иновации”, нагласи Муцунски.

Воедно, министерот истакна дека следната фаза од економската соработка меѓу Северна Македонија и Грција треба да биде поамбициозна, поиновативна и повеќе насочена кон иднината.

„Енергетиката, инфраструктурата и трговијата ќе останат важни. Но, дигиталната трансформација, ИКТ, иновациите, вештачката интелигенција, сајбер-безбедноста, финтек решенијата и соработката меѓу стартапите треба да станат посилен дел од нашата билатерална економска агенда”, истакна тој.

Осврнувајќи се на европската перспектива на државата, Муцунски нагласи дека европската интеграција не е само политички процес, туку и економска трансформација што носи подобри стандарди, посилни институции, попредвидливи правила, поголема конкурентност и поширок пазар за компаниите.

На крајот од своето обраќање, министерот потенцираше дека токму бизнис-заедницата е двигател на економскиот развој.

„Владите можат да ја создадат рамката. Институциите можат да ги отворат вратите. Но компаниите, претприемачите, инженерите, иноваторите и инвеститорите се тие што создаваат вистинска економска вредност”, порача Муцунски.