
Соопштение за јавност на ЛДП:
Посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта е уште една потврда дека Европската Унија ја гледа Македонија како дел од европското семејство, но и потсетник дека напредокот зависи од исполнувањето на обврските што државата веќе ги има преземено.
Либерално-демократската партија (ЛДП) смета дека крајно време е политичките партии да покажат одговорност и да понудат решенија, наместо да ја одржуваат блокадата на европскиот пат. Остануваме на ставот дека уставните измени треба да бидат донесени што поскоро, но нивната примена да биде со одложено дејство, односно да стапат во сила по завршувањето на преговорите со Европската Унија.
Предлогот за уставни измени со одложено дејство не значи отстапување од државните интереси, туку претставува модел кој обезбедува продолжение на европските интеграции и дополнителна сигурност за граѓаните. Во европските документи од преговарачката рамка не постои обврска уставните измени веднаш да стапат во сила, што остава простор за разумно и државничко решение, околу кое може да се изгради поширок национален консензус.
За европската иднина на Македонија потребни се политичка храброст, визија и јасна определба. Како и досега, ЛДП ќе продолжи да се залага за политики кои што ги обединуваат граѓаните и ја движат државата напред, кон полноправното членство во Европската Унија.
Европската иднина е заеднички интерес на државата и на сите нејзини граѓани и не треба да биде заложник на дневно-партиската политика.


