Skip to main content
Свет

Масовен руски напад врз Киев, девет лица загинаа

02/06/2026  10:14

Најмалку девет лица се убиени, а десетици се повредени откако Русија започна голем напад врз градови низ Украина во текот на ноќта.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека две високи станбени згради во градот биле погодени и дека постојат стравувања дека луѓе се заробени под урнатините.

„Во моментов, во главниот град се познати четири смртни случаи. Пријавени се 51 повредени лица, вклучувајќи три деца. Лекарите хоспитализирале 35 лица, а на останатите им е укажана помош на лице место и амбулантски“, рече Кличко во објава на Телеграм.

Како што изјави тој, „како резултат на масовниот напад на непријателот врз главниот град, евидентирана е штета во различни делови од градот“.

Пред нападот, Кличко ги предупреди жителите на Киев за можноста за масовен непријателски напад и ги повика луѓето да останат во засолништа.