Skip to main content
Свет

Петмина загинати, двајца тешко повредени во експлозија во фабрика во Јужна Кореја

01/06/2026  09:36

Најмалку пет лица загинаа, а две се тешко повредени во експлозија во воен производствен погон во Деџеон, јавуваат јужнокорејските медиуми.

Несреќата се случила во фабрика на компанијата „Hanwha Aerospace“, лоцирана на околу 150 километри јужно од Сеул. Според снимките објавени од медиумите, по експлозијата над објектот се издигнал густ црн чад.

Јужнокорејскиот премиер, Ким Мин-сок, им наложил на надлежните служби да ги мобилизираат сите расположливи сили и опрема за справување со ситуацијата. Властите стравуваат дека бројот жртви не е конечен.

Фабриката важи за еден од клучните капацитети на јужнокорејската одбранбена индустрија, каде се произведуваат компоненти за ракетни мотори и ракетно гориво.

Причините за експлозијата засега не се познати и се предмет на истрага. Според локалните медиуми, ова е трет сериозен инцидент во истиот погон во последните години, по експлозии во 2018 и 2019 година со повеќе жртви.