Skip to main content
Македонија

Томовски: Ќе градиме нов саем со хали, хотел и спортски терени

30/05/2026  22:20

По осум години без саемски простор, Скопје повторно ќе добие современ саемски комплекс. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ го најави директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, откривајќи дека веќе е обезбедена потенцијална локација и дека проектот ќе се реализира преку модел на јавно-приватно партнерство.

Томовски посочи дека државата во моментов нема сопствен саемски простор и дека се прават последните проверки околу имотно-правниот статус на предложената локација.

„Ние како држава сега немаме саем. Имаме некоја локација во најава, чекаме уште да видиме со Град Скопје и Катастар дали таа локација е чиста. Планирано е да се изградат неколку хали за саем, спортски терени и хотел. Би барале приватен инвеститор кој ќе го реализира проектот, за државата да не вложува 50 милиони евра, а објектот сепак да остане во државна сопственост“, изјави Томовски.

Тој не ја откри точната локација, но посочи дека се наоѓа во близина на студиото на 4ТВ, кое е сместено во комплексот Џавахир во Општина Аеродром.

Скопје остана без саем во 2018 година, кога беше урнат комплексот на Скопски саем за на негово место да биде изграден трговскиот центар Ист Гејт. Од тогаш главниот град нема простор за организирање големи саемски, стопански и културни манифестации.

Уривањето на Скопски саем предизвика силни реакции кај архитектите, урбанистите и дел од јавноста. Во отворено писмо со наслов „И Саем е Скопје“, испратено во 2018 година, претставници на архитектонската фела предупредија дека се уништува значаен дел од македонското архитектонско и стопанско наследство.

Изграден во 1972 година според проект на архитектите Димитар Димитров, Живко Гелевски, Благој Мицевски и Славко Ѓуриќ, Скопски саем со децении беше домаќин на најголемите саемски, културни и музички настани во државата. Во неговите хали се одржуваа Саемот на книгата, Саемот за мебел, туристички берзи, модни настани, како и концерти на светски и домашни музички имиња.

Со најавата за изградба на нов саемски комплекс, по речиси една деценија се отвора можност Скопје повторно да добие простор за големи меѓународни и домашни манифестации.