
Руската државна компанија за нуклеарна енергија, Росатом, соопшти дека украински дрон ја погодил најголемата европска нуклеарна централа во Запорожје, која е под руска контрола.
Во соопштението се вели дека нападот не предизвикал штета на клучната опрема, но направил дупка во ѕидот на машинската просторија. „Попладнево, украински камикази борбен дрон удрил во ѕидот на машинската просторија на шестата енергетска единица, предизвикувајќи последователна детонација“, изјави шефот на Росатом, Алексеј Лихачев.
Нуклеарна централа окупирана на почетокот на војната
„Експлозијата не предизвика штета на клучната опрема; сепак, направи дупка во ѕидот на машинската просторија“, додаде тој. Лихачов го нарече овој инцидент „намерен“.
Русите ја зазедоа нуклеарната централа Запорожје во март 2022 година, која сè уште е во близина на фронтовската линија во истоимениот југоисточен украински регион. За време на четиригодишната војна, централата повремено беше нападната, а постојат и стравувања од нуклеарна несреќа во објектот.
„Еден чекор сме поблиску до инцидент што веројатно ќе има влијание врз оние кои живеат далеку надвор од границите на Русија и Украина, а сепак мислат дека се целосно безбедни“, рече Лихачев.

