
Актуелната пратеничка во Собранието и поранешна министерка за одбрана, Славјанка Петровска, преку објава на Фејсбук остро реагираше на случајот на семејно насилство кој деновиве ја вознемири јавноста.
Во својот статус, Петровска посочува дека особено ја потресле снимките и сведоштвата поврзани со насилството врз жена и предупредува дека проблемот не е само во насилникот, туку и во општествената нормализација на насилството.
„Ако пред очи на луѓе жена е тепана и давена, а од околината стигнува реченица од типот ‘маж ѝ е, што сака нека ѝ прави’, тогаш проблемот не е само во насилникот. Проблемот е и во страшната нормализација на насилството“, наведува Петровска.
Таа нагласува дека ниту еден маж нема право да понижува, тепа, дави, контролира или заплашува жена, додавајќи дека ниту една жена не смее да остане сама во борбата против насилството.
Во објавата потсетува дека Македонија располага со Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, поради што институциите, особено Министерството за внатрешни работи, имаат обврска да постапуваат брзо, одлучно и без компромис секогаш кога постои сомнеж за семејно или родово базирано насилство.
Петровска ги повика граѓаните активно да пријавуваат вакви случаи преку телефонските броеви 192 и 112, предупредувајќи дека насилството не е приватна работа, туку сериозно кривично и општествено прашање.
„Најопасната реченица во едно општество е: ‘Не се мешај.’ Напротив, мора да дејствуваме. Мора да пријавиме. Мора да се спротивставиме. Бидејќи молкот го штити насилникот“, порача Петровска.
Таа повика на нулта толеранција кон семејното насилство, итна реакција на институциите и поголема поддршка за жените и децата кои се соочуваат со страв, закани и насилство.



