
Порталот 4news.mk реагира по соопштението на М-НАВ и тврди дека информациите се темелат на официјално воздухопловно известување – НОТАМ
Цел ден редакцијата на 4news.mk чека одговори од М-НАВ за проблемот што самата институција го пријавила преку издавање НОТАМ (Notice to Air Missions), официјално воздухопловно известување кое се користи за информирање на воздухопловната заедница за состојби што можат да влијаат врз воздушниот сообраќај.
Како што наведуваат од порталот, на испратените прашања не добиле одговор, ниту пак демант на објавените информации. За реакцијата на М-НАВ, велат, дознале преку Македонската информативна агенција (МИА).
Од 4news.mk појаснуваат дека во нивниот текст никаде не било наведено дека во моментот постојат проблеми во авиосообраќајот, туку дека се известувало за состојба наведена во официјално издадениот НОТАМ, кој се однесувал на периодот од 19 мај до 21 мај 2026 година.
Порталот реагира и на тврдењето на М-НАВ дека објавил информации за небезбедна комуникација со пилотите, нагласувајќи дека такво нешто во текстот не било наведено.
„Никаде не тврдиме дека во моментов постои проблем во комуникацијата со пилотите. Целиот текст се однесува на настан кој веќе се случил и е напишан во минато време“, посочуваат од редакцијата.
Воедно, тие ги отфрлаат обвинувањата дека станува збор за дневнополитички мотивирана објава и нагласуваат дека нивната единствена цел е добивање одговори за функционирањето на критичната воздухопловна инфраструктура.
Од 4news.mk велат дека и понатаму очекуваат официјални одговори на четири прашања:
- Која е точната причина за прекинот на микробрановата мрежна конекција со IP радио-станиците на Солунска Глава?
- Колку долго траел прекинот и кога целосно ќе бидат отстранети сите последици од дефектот?
- Дали е регистриран инцидент во кој два воздухоплови се доближиле на недозволена дистанца?
- Зошто не бил активиран резервен, односно редундантен систем, кој би ја презел функцијата при испад на главниот систем?
Според порталот, одговорите на овие прашања се од јавен интерес и се однесуваат на безбедноста и сигурноста на воздухопловниот сообраќај во државата.

