Skip to main content
Економија

Мицкоски: Започна со работа првиот модерен трговски центар „Mega Shopping Park” во Гевгелија

29/05/2026  14:35

Премиерот, Христијан Мицкоски, денеска присуствуваше на отворањето на новиот трговски центар „Mega Shopping Park“ во Гевгелија.

„За мене претставува огромна чест и задоволство што денеска можам да присуствувам на овој би рекол прекрасен настан, овде во Гевгелија. Отворањето на овој шопинг-центар којшто е не само додадена вредност за економијата тука во Гевгелија, туку очекувам да прерасне во едно место коешто ќе го посетуваат сите оние коишто ќе транзитираат низ Македонија, бидејќи навистина содржините што ги нуди се импресивни, а сè уште не е целосно што се вели пуштен во употреба“, рече премиерот.

„Од неформалните разговори со сопствениците дознавам дека дополнително ќе се отвораат нови продажни места, така што на Коридорот 10 кај нас во Македонија ова ќе претставува навистина едно преубаво место каде што ќе можат сите оние туристи и патници кои ќе транзитираат низ нашата земја да застанат овде, да одморат, а зошто да не и да купуваат и да пазаруваат и да си поминат навистина прекрасно, бидејќи местото само по себе е прекрасно.
 
Сепак десетина милиони луѓе ќе поминуваат недалеку од овде, на неколку десетици метри од овој прекрасен објект и посакувам на овој начин економијата во Гевгелија да има додадена вредност и луѓето да си поминуваат прекрасни моменти користејќи ги капацитетите којшто овој објект ги нуди“, додаде премиерот Мицкоски.