
Сојузот на здруженија на лица со дијабетес денес до Министерство за здравство и Фондот за здравство достави ново барање за итно зголемување на термините и подобра достапност до специјалистички прегледи. Од таму велат дека околу 40% од пацинетите не се во можност да извршат регуларни навремени прегледи за состојбата со дијабетесот и можни компликации од дијабетес.
„Сојузот на здруженија на лица со дијабетес на Македонија, како заеднички претставник на лицата кои живеат со дијабетес во државата, подолг временски период укажува на потребата од подобрување на пристапот до редовни, навремени и континуирани специјалистички прегледи. Редовните контроли претставуваат основен и неопходен дел од здравствената грижа за лицата со дијабетес, бидејќи преку нив се следи текот на болеста, се проценува здравствената состојба и се одредува соодветната терапија, неопходна за успешно секојдневно менаџирање на дијабетесот“, велат од Сојузот.
Од таму додаваат дека подеднакво значајно е и навременото реализирање на прегледите за рано откривање, следење и третман на компликациите од дијабетесот, со цел обезбедување поквалитетен, подостоинствен и поздрав живот за пациентите.
„Особено внимание заслужува фактот што околу 4.000 лица со дијабетес тип 1 своите контроли ги реализираат на Универзитетските клиники во Скопје — приближно 650 деца на Универзитетската клиника за детски болести и околу 3.550 пациенти на Клиниката за ендокринологија, дијабетес и метаболни нарушувања. Дополнително, во голем број општини во државата постои недостаток на доктори специјалисти – дијабетолози, поради што значителен број пациенти се принудени да патуваат во други градови и регионални центри за да добијат здравствена услуга. Ова претставува дополнителен финансиски, организациски и психолошки товар за лицата со дијабетес и нивните семејства“, велат од Сојузот на здруженија на лица со дијабетес

