
Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) подготвува целосна реформа на државниот возен парк, која ќе опфати расходување на старите службени автомобили и воведување на моделот на оперативен лизинг. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ го најави директорот на СОЗР, Ивица Томовски, оценувајќи дека актуелната состојба со државните возила е „срамна“.
Според Томовски, најголем дел од институциите располагаат со застарени и дотраени автомобили кои создаваат огромни трошоци за сервисирање, а во јавноста често се отвораат и сомнежи за можни злоупотреби и малверзации поврзани со одржувањето.
„Идејата е да направиме оптимизација – да видиме на која институција колку возила ѝ се навистина потребни, сè што е старо да го расходуваме и распродадеме, а потоа да набавиме возила на оперативен лизинг. Овој модел е многу подобар бидејќи ги покрива и гаранцијата и сервисирањето, а возилата не застаруваат“, изјави Томовски.
Тој откри дека државата во моментов нема ниту соодветен возен парк за пречек и транспорт на странски делегации, па често за тие потреби се користат возила кои се повлекуваат од други функционери и институции.
„Можам да кажам дека имаме никаков возен парк и срамно е за една држава да не може да услужи делегација“, истакна Томовски.
Како решение за овој проблем, СОЗР веќе започнала постапка за пазарно истражување за набавка на две нови комбиња – едно со капацитет „8+“ и едно луксузно VIP возило со конфигурација „4+“, наменети за транспорт на странски гости и делегации.
Според директорот на СОЗР, со овие возила ќе се намали потребата од користење повеќе службени автомобили истовремено, а ќе престане и практиката за распишување тендери за рентакар услуги.
Дополнително, СОЗР планира модернизација и на курирската служба преку набавка на четири електрични возила кои ќе се користат за секојдневен транспорт на документација низ Скопје.
„Во процедура сме и за набавка на 4 електрични возила. Нашата служба секојдневно разнесува документи од институција до институција, а моментално користиме возила од 2000-та и 2010-та година кои бараат постојани сервиси. Анализите покажаа дека електричните возила се далеку поисплатливи за градско возење“, заклучи Томовски во „Ноќно студио“.

