Skip to main content
Македонија

Апелација ја укина затворската казна за убиството на кучето Феликс – осудениот ќе плати 1.800 евра

26/05/2026  16:35

Апелацискиот суд ја преиначи првостепената пресуда за убиството на кучето Феликс и наместо затворска казна, на осудениот Љубе Крстевски му изрече парична казна.

Случајот, кој предизвика силни реакции во јавноста и кај здруженијата за заштита на животни, се однесува на настан од 7 јануари 2025 година, кога кучето Феликс почина како последица на нанесени повреди. Основниот кривичен суд пред десет месеци ја донесе првата затворска пресуда во Македонија за ваков вид кривично дело, изрекувајќи му три месеци затвор на Крстевски.

Но, според новата одлука на Апелацискиот суд, донесена на 17 февруари годинава, затворската казна е заменета со 90 дневни глоби од по 20 евра, односно вкупно 1.800 евра или околу 110.700 денари, објави 4news.mk.

Во истиот предмет, второобвинетиот Билбиловски претходно доби парична казна од 100 дневни глоби.

Во жалбата поднесена до второстепениот суд, одбраната на Крстевски тврдела дека кучето било агресивно и претставувало опасност во кругот на објектот. Како доказ биле приложени видеоснимки, фотографии и медицински белешки, со барање затворската казна да биде заменета со условна или парична.

Од друга страна, Вишото јавно обвинителство побарало првостепената пресуда да биде потврдена и обвинетиот да остане во затвор.

Апелацискиот суд, сепак, не ги прифатил тврдењата дека животното било опасно. Во образложението на пресудата се наведува дека кучето тежело околу 15 килограми и им пристапувало на луѓето без да ги напаѓа.

Судот оценил дека природното однесување на животното во кругот на објектот не може да биде оправдување за нанесување удари, додавајќи дека доколку кучето навистина било опасно, случајот требало да биде пријавен кај надлежните институции, а не да се решава со насилство.