Skip to main content
Македонија

Пропадна набавката за полициски униформи

26/05/2026  09:29

Министерството за внатрешни работи ќе ја раскине рамковната спогодба со српската компанија „Памитекс тим“, задолжена за набавка на еднобојни униформи за специјалните полициски единици, откако суперанализа во странство утврдила дека примероците не ги исполнуваат стандардите за квалитет предвидени во тендерската документација.

Како што изјави министерот за внатрешни работи во интервју за „360 степени“, покрај раскинувањето на договорот ќе биде активирана и банкарската гаранција на компанијата. Спогодбата можела да достигне вредност до 1,7 милиони евра.

Според министерот, анализите покажале дека материјалот за еднобојните униформи не соодветствува со барањата на МВР, поради што институцијата одлучила да ја прекине соработката со фирмата.

Во меѓувреме, набавката на маскирните униформи за специјалните единици, која ја реализира компанијата „Ле Бранд“ од Битола, според МВР се одвива успешно. Иако имало одредени пролонгирања на роковите, министерот нагласил дека тие биле во рамки на законските процедури и дека полициските службеници веќе ги користат униформите и се задоволни од нивниот квалитет.

Министерот се осврна и на состојбата со униформите за редовниот полициски состав, каде процесот на набавка е во застој. Тендерот, кој се однесува на околу три четвртини од вкупниот број полициски службеници, бил поништен по вторпат. Причините, како што посочи, се несоодветен квалитет кај еден од понудувачите и превисоки цени кај друг.

Од МВР најавуваат дека во иднина ќе се инсистира на поголема транспарентност и конкуренција во јавните набавки. Главен фокус ќе биде ставен на обезбедување квалитетна опрема за полицајците, реални пазарни цени преку електронски аукции и нови набавки на означени комбиња и теренски возила за потребите на полицијата.

Министерот упати повик до домашните и странските компании активно да учествуваат на претстојните тендери, со цел да се избегнат сомнежи за фаворизирање и да се обезбеди најдобра вредност за јавните средства.