Skip to main content
Македонија

Левица: Муцунски и Мицкоски да се огласат по предлогот на Мерц

25/05/2026  13:22

Соопштение за јавност на Левица:

Политичката партија Левица изразува сериозна загриженост поради отсуството на официјален и јасно образложен став од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во однос на нон-пејперот на германскиот канцелар Фридрих Мерц околу исходот на пристапувањето на Република Македонија во ЕУ. Во услови кога се отвораат суштински прашања за идниот европски статус на Македонија, институционалното молчење остава впечаток на политичка пасивност и недостиг од државна стратегија во еден исклучително чувствителен дипломатски момент.

Станува изразито очигледен и изолационистичиот курс на Владата на ВМРО-ДПМНЕ која на ваквите предлози на високи челници на ЕУ воопшто нема никаков официјален одговор отворајќи сомнеж во искреноста на нејзините намери и тоа првенствено поради помиреноста со статус-квото во кое Република Македонија останува периферна и секундарна структура во рамките на европскиот економски конгломерат, притоа целосно обезличена и лишена од секаков вид достоинство и меѓународна почит.

Левица смета дека Република Македонија не смее да настапува без јасни ставови и без сопствен дипломатски одговор на иницијативи кои директно ја засегаат нејзината европска перспектива. Нон-пејпер форматот по својата природа остава простор за противпредлози, преговарачки позиции и активна дипломатска комуникација. Отсуството на таков пристап претставува пропуштена можност државата да ги артикулира своите интереси и да обезбеди рамноправен третман во процесот на европска интеграција.

Во таа насока, Левица бара Министерството за надворешни работи итно да објави официјален став за предложениот модел, како и да иницира изработка на сопствен дипломатски документ со јасно дефинирани барања: правно обврзувачка пристапна патека, безбедносни гаранции и заштита од идентитетски условувања. Истовремено, неопходно е отворање парламентарна расправа пред претстојниот Самит на ЕУ, со цел јавноста и институциите транспарентно да дебатираат за надворешно политичкиот курс на државата.

Левица останува на ставот дека Македонија мора да настапува како рамноправен политички субјект, со јасна стратегија и активна дипломатија, а не како пасивен набљудувач на процеси што директно ја определуваат нејзината иднина. Во период кога се носат важни одлуки за регионот и европската архитектура, државните институции имаат обврска да покажат политичка одговорност, транспарентност и доследност во заштитата на националните интереси.