Skip to main content
Македонија

Усвоена Младинска Декларација на Националниот младински форум „Тука сме за да останеме!

24/05/2026  10:53

Над 200 млади од различни градови, заедници и организации минатата недела во Скопје усвоија Младинска декларација за инклузивно владеење и градење мир, испраќајќи јасна порака дека младите бараат реално учество во носењето одлуки, функционални институции и конкретни услови за достоинствен живот и иднина во Северна Македонија. (https://hera.org.mk/mladite-porachaa-tuka-sme-za-da-ostaneme-usvoena-deklaraczija-za-aktivno-mladinsko-uchestvo/)

Декларацијата беше усвоена на Националниот младински форум „Тука сме за да останеме!”, кој се одржа во Ботаничката градина на Природно-математичкиот факултет во Скопје и обедини млади луѓе, институции, локални самоуправи, граѓански организации и меѓународни партнери. Документот претставува заеднички повик за посилна имплементација на Законот за младинско учество и младински политики, функционални локални младински совети, поголема институционална отчетност и вистинско вклучување на младите во креирањето политики и локалните приоритети.

Во декларацијата младите бараат мирот и социјалната кохезија да се третираат како секојдневна одговорност што се гради во училиштата, заедниците, младинските простори и локалните средини. Документот повикува и на создавање безбедни и достапни простори за младинско организирање, култура, креативност и слободно изразување, како и поголема поддршка за менталното здравје, медиумската писменост, претприемништвото и локалните можности за развој.

Особен акцент е ставен на потребата младите да бидат препознаени како рамноправни партнери во процесите на одлучување, а не само како формално консултирани чинители. Во декларацијата се бараат транспарентни институции, редовни младински консултации и механизми преку кои младинските препораки реално ќе влијаат врз политиките и буџетите.

Декларацијата беше потпишана од над 200 млади присутни на форумот и поддржана од локални и национални институции како заедничка заложба за поинклузивни и одговорни младински политики.

„Младите се движечка сила на секоја промена и затоа е важно да бидат информирани, едуцирани и активно вклучени во општествените процеси. Потребна е граѓанска едукација која им ја враќа моќта на младите да учествуваат и да бараат промени. Воедно, важно е да ја надминеме воздржаноста кај младите за јавно ангажирање и да ги охрабриме гласно да се борат за своите основни права – чист воздух, вода и здрава животна средина, изјави Анастасија Павловска, модераторка на зоната Green Voices Corner.

„Кога младите го започнуваат денот исцрпени од доцнења, преполни автобуси и непредвидливи линии, тогаш зборуваме за системски проблем што директно влијае врз нивниот пристап до образование и можности. Ако образованието е право, тогаш патот до него не смее да биде секојдневна пречка.”порача Лејла Бекири, модераторка во Culture and Identity Hub. Виктор Бучковски се надоврза дека „Безбедниот јавен превоз директно ја поддржува културата, бидејќи овозможува културните настани да не бидат концентрирани само во центарот на градот”.

Од зоната Youth Power Lab, Борјан Ефтимов со заклучок: „Нашата генерација не смее да биде само сведок на состојбите, туку мора да биде дел од нивното менување. Останувањето има смисла само ако значи учество, одговорност и борба за подобро општество.” Игор Антов, модератор во Future Makers Lab, изјави „Македонската претприемачка околина е динамична и полна со потенцијал, во земја која сè уште ги гради и развива своите економски можности. Верувам дека токму младите претприемачи и иновативните идеи се двигатели на тие промени и дека земјата е подготвена да создава производи и услуги што не само што ќе успеваат дома, туку ќе бидат конкурентни и на меѓународниот пазар.” Ивана Јовановска заклучи дека „Прашањата за просторот од кој ја црпиме креативната сила, во кој создаваме и чувствуваме слобода и еднаквост е едни од најважните точки на кои мора интензивно и здружено да работиме.”

Форумот беше организиран од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, во партнерство со Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади, и со поддршка на RYCO – Регионалната канцеларија за младинска соработка.