
Повреден планинар денеска беше успешно спасен на планината Кораб, откако преку Единствениот број за итни повици 112 била примена пријава дека поради повреда не е во состојба да се движи.
Како што соопшти Центар за управување со кризи, веднаш по добиената пријава, Регионалниот центар за управување со кризи Тетово започнал координација со СВР Тетово, Полициската станица Маврово и Национален парк Маврово, со цел брза интервенција на терен.
Ренџерите од Националниот парк успеале да го лоцираат повредениот планинар, кој бил во стабилна состојба. Потоа започнала акција за негово безбедно спуштање кон селото Жужње.
Во селото планинарот бил преземен од екипа на Итната медицинска помош од Гостивар, по што бил транспортиран на понатамошен медицински третман.
Од ЦУК информираат дека благодарение на брзата реакција и координацијата меѓу сите надлежни служби, спасувачката акција завршила успешно, а повредениот планинар е безбедно евакуиран и во стабилна состојба.


