Skip to main content
Скопје

СДСМ: Тендерот за автобусите пропадна затоа што бил местен за 12 милиони евра повеќе

23/05/2026  14:57

Прес конференција на СДСМ, Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор

АКТ денеска откива нов скандал, нова бомба. Скопјани се повторно жртва на корупцијата и криминалните тендери на ВМРО-ОКГ.

Додека граѓаните со часови чекаат по станиците и се возат во распаднати автобуси, фокусот на власта е исклучиво со местење тендери и милионски зделки.

Затоа пропадна тендерот за набавка на 150 автобуси кој го најавуваше Орце и затоа скопјани уште ќе чекаат, ќе дремат по автобуски станици, ќе доцнат, ќе се варат или ќе мрзнат.

Овој документ што го држам во рацете е уште една потврда за тоа каква им била намерата.

Ова е официјална претставка до Министерството за транспорт, која јасно и недвосмислено ја потврдува нашата теза: преземањето на надлежностите за набавка на автобуси не беше за да му се помогне на Скопје, туку за да се избере однапред договорена фирма, блиска до нивниот политички партнер Виктор Орбан.

Овој допис јасно укажува на координиран чин на елиминирање на другите понудувачи за да се избере фаворизираниот.

Што точно крие овој скандалозен тендер?

Иако основниот критериум бил најниска цена, се избрало скап понудувач.

Разликата е шокантна: постоела понуда која е поевтина за 12 милиони евра!

Или по автобус, точно 78,563 илјади евра.

ВМРО-ОКГ планирала да го оштети буџетот и граѓаните за речиси 12 милиони евра!

Толку им е тарифата.

И не, ова не е случајна грешка. Организирана криминална група бил писмено предупредена за оваа поевтина понуда во неколку наврати – уште во ноември 2024 и во декември 2025 година. Тие свесно туркале поскап тендер за унгарските автобуси.

Зошто тендерот одеднаш е поништен? Не затоа што ВМРО-ОКГ или Министерството се загрижија за правдата. Тие го поништија тендерот затоа што беа фатени на дело!

Поради скандалозното однесување, случајот го презема американскиот адвокатски тим „The Ticktin Law Group”, кој најавува дека за овој меѓународен скандал ќе ги извести Белата куќа, Стејт департментот и Американската амбасада во Скопје.

Свесни дека ќе одговараат и исплашени од меѓународниот притисок, тие набрзина се обидоа да ги сокријат трагите преку поништување на тендерот.

Јавниот превоз во Скопје е целосно уништен и жртвуван поради криминалните апетити на ВМРО-ОКГ и нивните долгови кон Орбан.

Ова не е само политички дебакл, ова е кривично дело за кое мора веднаш да има одговорност. Институциите мора да отворат истрага за тоа кој се обиде да украде 12 милиони евра пари на граѓаните и да одговараат.