
За две години Мицкоски ја задолжи државата за нови 2,5 милијарди евра, укажа претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
Филипче посочи дека Владата на ВМРО е целосно фокусирана единствено на нови задолжувања, додека економската состојба во државата континуирано се влошува.
„Едноставно, владата е фокусирана да најде нови извори за задолжувања. Јавниот долг е зголемен. За само две години, генериран е нов долг од 2,5 милијарди евра, пари кои што ќе ги враќаат кој знае колку следни генерации”, рече Филипче.
Во однос на последното задолжување од 260 милиони евра, за кое што повтори дека пратеничката група на СДСМ нема да учествува во собраниската расправа, Филипче нагласи дека е уште еден доказ дека кредитниот рејтинг на државата се влошува.
„Иако е најавено дека побарале 300 милиони евра од конзорциум на банки, Министерството за финансии, Владата добила 260 милиони евра. Значи, за прв пат не се добиени пари толку колку што Владата има потреба или колку што барала. На што укажува ова? Едноставно, дека рејтингот во очите на банките на државата паѓа и дека постепено влегуваме во групата на земји кои што имаат ризичен кредитен рејтинг”, рече Филипче.
Говорејќи за економската состојба во државата, Филипче потенцираше дека со Мицкоски на власт сите економски показатели се влошени.
„Со Мицкоски на власт се случува економска катастрофа.Едноставно нема еден сегмент во економијата којшто е добар. Во индустријата која е столб на економијата се губат работни места. Само за една година бројот на вработени е намален за 2,8%. Странските инвеститори веќе втора година не нè заобиколуваат. Нивото на странските инвестиции е намалено за 60% и тоа е поради влошената економска ситуација, инвестициската клима во државата и секако поради недовербата во владата”, рече Филипче.

