
Минатата недела, директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова заедно со помошник директорката Весна Новаковиќ, учествуваше на меѓународен настан организиран од Меѓународен монетарен фонд во Атина, на тема: „Од реформа до резултати – докази за впечатлива реформа на даночна администрација“.
На настанот присуствуваа директори и високи претставници на даночни администрации, меѓународни експерти и креатори на политики, кои дискутираа за искуствата, предизвиците и резултатите од реформските процеси во даночните администрации.

Реформата на даночната администрација на Грција беше посочена како значаен пример за тоа како реформите започнати како одговор на криза можат да доведат до одржливи резултати, проширен фискален простор и поголема отпорност на надворешни шокови, но и до создавање ново деловно опкружување и нова култура на јавни услуги.
Во рамки на дискусиите, беше истакнато дека реформата на даночната администрација не претставува само воведување нова технологија, туку процес кој бара јасна визија, доследност, институционална стабилност и способност за надминување на предизвиците, при истовремено зачувување на кредибилитетот во наплатата на приходите и обезбедувањето даночни услуги.

На панелот посветен на институционалните „овозможувачи“ на реформата, директорката на УЈП говореше за значењето на лидерството, организациската култура и институционалната отпорност како клучни фактори за градење доверба и обезбедување континуитет на долгорочните промени.
Настанот претставуваше и можност за средби и разговори со заменик директорката Ера Дабла-Норис и други високи претставници на Фискалниот департмент на ММФ, при што беше разговарано за тековната и идната техничка поддршка за УЈП.
Во продолжение на реформските процеси, УЈП останува посветена на модерна, ефикасна и кредибилна даночна администрација, усогласена со меѓународните стандарди и добри практики.

