Skip to main content
Македонија

„Беше неочекувано, нè евакуираа на безбедно“: Андоновски откри детали за драмата на аеродромот во Вилнус

21/05/2026  20:59

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, и членовите на македонската делегација поминале низ вистинска драма на аеродромот во Вилнус, откако непосредно пред нивното полетување бил активиран безбедносен аларм, поради што воздушниот сообраќај над Литванија бил целосно затворен во времетраење од околу час и половина.

Информацијата ја откри самиот Андоновски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, опишувајќи ја ситуацијата како „предизвикувачка и неочекувана“, иако, како што посочи, македонската делегација претходно разговарала за можни безбедносни ризици поврзани со геополитичката состојба во балтичкиот регион.

Според министерот, тревогата била активирана додека делегацијата веќе се наоѓала во аеродромската зграда, а предупредувањето истовремено пристигнало на сите мобилни телефони на присутните патници.

„Во еден момент сите телефони почнаа да ѕвонат со порака за тревога. Воздушниот простор беше затворен и никој не знаеше колку ќе трае ситуацијата. Секако дека кај патниците се почувствува страв и неизвесност“, раскажа Андоновски.

Тој нагласи дека литванските институции реагирале исклучително брзо и професионално, поради што состојбата била ставена под контрола за релативно кратко време, а паниката меѓу патниците постепено се смирила.

„Мора да се признае дека реакцијата на литванските власти беше на високо ниво. Брзо добивме информации, насоки и уверување дека ситуацијата се следи и контролира“, потенцираше министерот.

Инцидентот уште еднаш ја покажува чувствителната безбедносна состојба во балтичките земји, кои поради близината до Русија и актуелните геополитички тензии се под постојан висок степен на безбедносна подготвеност.