
Пратеничка на СДСМ, Сања Лукаревска, во емисијата „Само Вистина” на Канал 5, реагираше на одбивањето на власта да го поддржи предлог-законот на СДСМ со кој премиерот, вицепремиерите, министрите и членовите на Владата нема да можат да имаат двојни државјанства. Лукаревска обвини дека власта избегна да даде јасен одговор зошто законот не доби поддршка и рече дека зад тоа стојат заткулисни игри.
„Да објаснат зошто веднаш го тргнаа законот, односно не го гласаа законот со којшто членовите на Владата не треба да имаат двојни државјанства, односно треба да имаат македонско државјанство”, рече Лукаревска.
Лукаревска потсети дека ВМРО претходно поднесе закон за пратениците да немаат двојни државјанства, но кога станува збор за членовите на Владата, законот беше повлечен. Таа нагласи дека власта не го прифатија законот на СДСМ за двојни државјанства, затоа што пола влада им е со бугарски пасоши
„Зборувате за заштита на идентитетот, македонскиот идентитет дека е загрозен и така натаму, а ваму не гласате за шанса да дадеме на сите оние коишто мислат добро на државата, да немаат и бугарско државјанство, таков закон да се донесе. Не слушнавме од вас каква било теза, изјава, аргумент зошто не го поддржавте законот вчера”, кажа Лукаревска, додавајќи дека „овде има заткулисни игри затоа што има министри со двојни државјанства”.
Во дебатата, Лукаревска се осврна и на доцнењето на реформските закони и реформската агенда поврзана со блокадата на евроинтеграциите.


