
Македонија не е блокирана на патот кон Европската Унија поради францускиот предлог, туку поради недостигот на политичка волја кај актуелната власт да го продолжи евроинтегративниот процес. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ го изјави пратеникот и поранешен министер Оливер Спасовски.
Тој упати директна порака до владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека е време власта да понуди конкретно решение наместо, како што рече, да продолжи со политички популизам.
„Сега тие се власт и тие треба да дадат предлог како да се излезе од оваа состојба“, изјави Спасовски.
Според него, СДСМ во минатото прифатил компромис кој бил реален и единствено возможен за продолжување на европскиот пат на државата, но тогашната опозиција одлучила да ја блокира целата постапка поради партиски интереси.
„Тогаш имавме неодговорна опозиција која мислеше исклучиво на сопствениот и на партискиот рејтинг. Нивната процена беше дека политички многу повеќе им се исплати да го напаѓаат предлогот, да креираат страв кај граѓаните дека некој нешто сака да ни одземе, со цел да си ја сочуваат опозициската комотност. Тоа им успеа и сега ВМРО-ДПМНЕ е на власт“, рече Спасовски.
Тој додаде дека сега одговорноста е кај актуелната влада и дека таа мора јасно да покаже дали има план за продолжување на евроинтеграциите.
Спасовски откри дека лично не смета дека СДСМ треба повторно да иницира нови политички платформи или договори со други партии околу европскиот процес, бидејќи партијата веќе ја понела политичката тежина за носење на тешките одлуки.
„СДСМ веќе го понесе својот товар за европската иднина на државата“, потенцираше тој.
Пратеникот потсети дека постапката за уставните измени започната во претходниот парламентарен состав сè уште формално не е прекината.
„Ние од Владата немаме добиено писмо во кое се вели дека се откажуваат или дека го повлекуваат предлогот за уставни измени. Затоа ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да си даде предлог ако мисли дека треба да се дојде до промена на Уставот за да се завршат обврските и да одиме напред“, изјави Спасовски.
Осврнувајќи се на изјавите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски дека можеле да обезбедат подобри договори за државата, Спасовски рече дека е време тие ставови да се претворат во конкретни резултати.
„Договорите од Преспа и со Бугарија можеби не се совршени, но тоа беа единствените можни решенија во дадениот момент. Тоа се компромиси од кои подеднакво беа незадоволни сите страни“, оцени тој.
Според Спасовски, Македонија повеќе нема простор за нови блокади и политички калкулации, туку ѝ е потребна јасна стратегија и политичка храброст за да го продолжи патот кон Европската Унија.
