
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција веќе неколку месеци спроведува предистрага за можни незаконски активности во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, поврзани со сомнежи за извлекување и енкриптирање доверливи податоци, објави „Слободен печат“.
Според информациите, до редакцијата на медиумот и до Обвинителството била доставена анонимна кривична пријава потпишана од „група вработени во МВР“, во која се наведува дека од компјутерскиот систем во Кабинетот на претседателката биле копирани и шифрирани податоци. Во пријавата се изразува сомнеж дека дел од информациите можеле да завршат кај странски разузнавачки служби, објави 4news.mk.
Под сомнение, според пријавата, е ИТ-администратор во Кабинетот, за кого се тврди дека копирал и складирал доверливи материјали. Се споменуваат и други лица од Кабинетот и од разузнавачките структури, за кои постојат сомнежи дека евентуално учествувале во прикривање докази.
Од Обвинителството за „Слободен печат“ потврдиле дека предистрагата е отворена уште во декември минатата година, по известување од Секторот за компјутерски криминал при МВР. Во рамки на постапката биле издадени наредби за анализа на компјутерска опрема, мобилни телефони и електронски податоци, но досега не бил доставен конечен извештај за содржината на евентуално извлечените информации.
Дополнителни сомнежи во случајот предизвикува и фактот што Обвинителството сè уште не успеало да обезбеди копии од снимките од безбедносните камери во Кабинетот на претседателката. Од Кабинетот посочиле дека не располагаат со видеозаписите бидејќи системот бил набавен преку СОЗР, додека од Службата за општи и заеднички работи тврдат дека тие само ја набавиле опремата и дека снимките се во надлежност на МВР.
Од Министерството за внатрешни работи потврдиле дека се одземени компјутерска опрема и мобилни телефони и дека е во тек анализа на електронските докази, но не одговориле зошто сè уште не се доставени видеоснимките до Обвинителството.
Извор: „Слободен печат“

