
Падот на индустриското производство и намалувањето на бројот на рудари отвораат сериозно прашање за иднината на македонската економија. Во услови кога рударството е еден од клучните извозни сектори, нови концесии и инвестиции речиси нема, а дел од постојните рудници се соочуваат со проблеми. Ако економијата треба да се базира на извоз, тогаш како државата планира да го надомести падот токму во гранката што носи значителен извозен приход?
Во Македонија постојат само четири активни рудници за металични суровини. Тоа се рудниците Тораница, Злетово, Саса и Бучим-Боров дол, чии капацитети со текот на времето се намалуваат и опаѓа квалитетот на руда, па затоа и се послаби се показателите за рударството во рамки на индустриското производство. Кај дел од нив сега се разгледуваат и можни отпуштања на вработени рудари.
И покрај ваквите факти во минатото се попречуваа голем број на инвестиции во рударството, како што е примерот за рудник за бакар во Казандол. Најблиску до старт со работа беше инвестицијата за рудник за бакар во Иловица, но во последен момент поранешната Влада ја повлече Одлуката за спојување на концесиите, па сега проектот е во застој. Од компанијата инвеститор тогаш истакнаа дека реализацијата на планот за изградба на рударскиот комплекс „Иловица – Штука“ означува значителна инвестиција во износ од 340 милиони евра, со што ќе се зголеми БДП за 3% на годишно ниво и ќе се генерираат приближно 1.000 директни работни места во фазата на изградба и 500 директни работни места за време на работата на рудникот. Рудникот за време на својата работа би и донела на државата повеќе од 500 милиони евра прилив во буџетот имајќи ја предвид актуелната цена на бакарот.
Како што пренесоа дел од медиумите, на последниот брифинг на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, било истакнато дека е очекуван падот на рударството, со оглед на фактот дека во последните 40 години се нема отворено ниту еден поголем рудник. На брифингот било наведено дека особено рудниците за металични суровини се значителни носители на БДП-то во Македонија.
Министерството информирало и дека во завршна фаза е изработката на Законот за геологија и Законот за рударство, во кои се потенцирало дека концесионерите мораат да применуваат највисоки стандарди при откопувањето и преработката на минералните суровини.
Претходно, во гостување во „Топ тема“, советникот за рударство во Министерството, Филип Петровски изјави дека досега рударството во Македонија било многу запоставено.
-Ние во последните години имаме сериозен пад на рударството во индустриското производство, што не е добро. Во моментов имаме во светски размери сериозни потреби од стратешките минерални суровини, оцени Петровски.
Тој додаде дека во изработка е Законот за рударство којшто, како што вели, е комплетно усогласен до европската регулатива и европските директиви за заштита на животната средина и останатите светски директиви за користење на најсовремени методи.
-Експлоатација на стратешките минерални суровини, како и на сите останати, сега се врши со најсовремени светски методи на откопување и методи на заштита на животната средина. Јас слободно, како многу искусен во оваа област, можам да кажам дека граѓаните не треба да бидат загрижени, заради тоа што ние ќе ги преземеме сите мерки за заштита на животната средина, нагласи советникот.
Според Петровски, Министерството ќе ги следи сите процеси и додека не се исполнат сите критериуми согласно европските регулативи и директиви нема да може да се добие дозвола за експлоатација.


