Skip to main content
Свет

САД издаваат нова 30-дневна лиценца за привремен пристап до блокираната руска нафта

18/05/2026  21:06

Американскиот министер за финансии, Скот Бесент, изјави дека Вашингтон издава нова 30-дневна општа лиценца за да се обезбеди привремен пристап до руската нафта која во моментов е блокирана на море.

„Ова продолжување ќе обезбеди дополнителна флексибилност и ќе работиме со засегнатите држави за да обезбедиме конкретни лиценци доколку е потребно“, напиша Бесент на социјалната мрежа Икс.

Пред неколку дена Вашингтон одби да ја продолжи дерогацијата која претходно им дозволуваше на земјите како Индија да купуваат руска нафта транспортирана по морски пат. Според Бесент, целта на новата лиценца е да помогне во стабилизирањето на физичкиот пазар на сурова нафта и да гарантира дека испораките ќе стигнат до енергетски најранливите земји.

Претходните отстапки беа дел од поширокиот пакет мерки на администрацијата на Трамп за контрола на глобалните цени на енергенсите во контекст на војната во Иран. Меѓу тие мерки беа користењето на Стратешките нафтени резерви и привременото олеснување на ограничувањата од т.н. Закон на Џонс за бродопловидба. И покрај ова, цените на горивата во САД остануваат високи, па бензинот чини околу 4,50 долари за галон, што е највисоко ниво од 2022 година, додека цената на барел нафта на меѓународниот пазар ја надминува границата од 100 долари од почетокот на конфликтот на 28 февруари.