
Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека вршело кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
При претрес во домот на улица “Илинденска” во Тетово, во кој осомничениот живеел како потстанар, полицијата пронашла вкупно околу 44 грама кокаин и околу 3 грама метамфетамин. Дрогата била спакувана во повеќе помали пакувања и наменета за илегална продажба, а во станот била пронајдена и дигитална вага со траги од наркотици.
Поради околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците и ризик осомничениот да продолжи да го врши кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од тетовскиот суд достави предлог за определување мерка притвор.


