Skip to main content
Македонија

Веројатно сум единствениот во светот што јавно си го дал бројот вели Јакимовски

12/05/2026  20:52

Поранешниот градоначалник на Општина Карпош Стевче Јакимовски во најновото гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ повторно зборуваше за својот специфичен однос со граѓаните, откривајќи дека и денес, иако повеќе не е на функција, секојдневно добива повици од луѓе кои бараат помош, совет или поддршка.

Јакимовски истакна дека неговиот приватен телефонски број со години бил јавно достапен и дека токму таа достапност станала негов препознатлив белег.

„Јас сум веројатно единствениот во светот што јавно го дава својот телефонски број. И денес постојано ми се јавуваат граѓани, имам еден куп пропуштени повици од непознати луѓе. Ме бараат за помош, за поддршка, сè уште ме ословуваат со ‘градоначалниче’“, изјави Јакимовски.

Според него, политичарот и функционерот мора да биде постојано достапен за граѓаните и да не се дистанцира од нивните проблеми, без разлика дали е на функција или не.

Јакимовски потенцираше дека токму директната комуникација со луѓето му помогнала да изгради препознатлив стил на работа, поради што, како што вели, и денес граѓаните му се обраќаат со доверба.

Во разговорот тој оцени дека блискоста со народот не се гради преку протокол и дистанца, туку преку секојдневна достапност и личен контакт со граѓаните.