Skip to main content
Македонија

Јакимовски за Лукровски: Не се пронајде во функцијата, градоначалник се работи 24 часа

12/05/2026  20:40

Поранешниот градоначалник на Општина Карпош Стевче Јакимовски во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ отворено говореше за тежината на градоначалничката функција, оценувајќи дека многумина влегуваат во локалната политика без целосно да бидат свесни колкава жртва бара таа позиција.

Коментирајќи ја оставката на актуелниот градоначалник на Карпош, Сотир Лукровски, Јакимовски рече дека таквиот развој на настаните подолго време бил тема меѓу луѓето кои ја следат состојбата во општината.

Според него, клучниот проблем е што не секој може да се прилагоди на динамиката и притисокот што ги носи функцијата.

„Човекот едноставно не се пронајде во оваа работа. Изјавуваше дека си го нарушил комодитетот, дека имал поголеми примања на претходното работно место и дека семејниот живот му трпи. Веројатно не бил свесен дека во општината се работи 24 часа. Телефонот мора да ви биде вклучен во 2, 3 или 4 часот наутро – вие мора да бидете достапни за граѓаните,“ изјави Јакимовски.

Тој потенцираше дека градоначалничката функција не е само политичка позиција, туку сложена менаџерска работа која бара истовремено обезбедување финансии, реализација на проекти и справување со политички притисоци.

Јакимовски истакна дека особено важен сегмент е управувањето со администрацијата, која според него мора да биде строго организирана и ставена во функција на граѓаните.

„Администрацијата е како еден силен коњ. Ако не ги држиш цврсто уздите, ќе те фрли од седлото. Луѓето таму често сакаат денот да им помине полесно, но градоначалникот е тој што оди на избори и тој мора да го устрои системот да биде вистински сервис за граѓаните,“ рече тој.

Во разговорот, Јакимовски посочи дека неговиот модел на работа бил базиран на постојана достапност и директна комуникација со жителите на општината.

„Ја направив таа функција таква што секој граѓанин, кога има проблем, прво се обраќа кај градоначалникот. Дури и денес, кога не сум на функција, ми доаѓаат луѓе од други општини за помош или совет,“ изјави поранешниот градоначалник.

Тој заклучи дека искуството е пресудно во локалната власт, особено кога треба брзо да се носат сложени и тешки одлуки.