
Шефот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази, денеска изјави дека ниту како јавен обвинител, ниту како раководител, не вршел притисок или влијание врз обвинителите во однос на одлуките што ги носат во предметите по кои постапуваат.
– Јас ни како обвинител ни како виш, на ниеден обвинител не сум му сугерирал, ниту пак загрозил неговата самостојност. На ниеден јавен обвинител не сум вршел притисок или влијание да донесе некаква одлука – изјави Абази на брифинг со новинари, одговарајќи на обвинувањата што претходно ги упати ВМРО-ДПМНЕ.
Реакцијата на Абази следува по денешната прес-конференција на Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој го обвини раководителот на ОЈО ГОКК дека донел, како што оцени, „контроверзна наредба“ за запирање на постапката за набавките на мазут за ТЕЦ Неготино, вредна 167 милиони евра. Милошоски тврдеше дека Абази постапувал под политичко влијание и дека со одлуката биле ослободени од одговорност лица блиски до партии од поранешната власт.
Според Милошоски, со запирањето на постапката без обвинение останале поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски, кој се наоѓа во бегство, како и бизнисмените Асмир Јахоски и Ратко Капушевски. Тој ја доведе во прашање и одлуката обвинителството да не го третира бегството на Ковачевски како дополнителна индиција во предметот, оценувајќи дека со тоа била нарушена довербата во правосудството.



