Skip to main content
Македонија

НЕВРЕМЕ ВО МАКЕДОНИЈА: Ќе дува ветер над 75 км/час со врнежи и грмежи

12/05/2026  08:10

Метео анализа на Славчо Попоски:

Територијата на Македонија денес вторник 12 мај 2026 ќе биде под влијание на циклонска активност која од Џенова ќе пристигне над Македонија  и ќе услови денес да биде многу поветровито, односно ќе дува засилен до силен ветер од западен правец кој повремено и локално ќе достигнува брзина од над 75 км/час. И во Скопје и околината ќе биде многу ветровито со засилен до повремено силен ветер од западен правец.

Во попладневните часови локално ќе се развиваат конвективни облачни грмотевични јадра од кои очекувам појава на пороен дожд, грмежи и силен западен ветер. Локално атмосферските процеси ќе бидат поинтензивни и ќе има појава на невреме проследено со обилен пороен дожд, силен западен ветер до 80 км/час, електрични празнења  и со услови за појава на град. И во делови од Скопската котлина денес попладне ќе има услови за нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи и со силен западен ветер.

Апелирам во случај на појава на невреме  и на електрични празнења граѓаните да обратат поголемо внимание, односно да не се претстојува на отворен простор  и под осамени дрвја. Исто така во случај на појава на силен ветер автомобилите да се заштитат и да не се ставаат во близина на дрвјата, особено оние дрвја кои што се стари и осамени.

Инаку и денес во атмосферата над Македонија ќе биде присутно поголемо количество на Сахарска прашина и на песок па токму поради ова атмосферата ќе биде многу заматена  и нечиста а времето ќе биде многу мачно и спарно.

Температурите денес насекаде ќе надминуваат 20 степени а во поголем дел од Македонија тие ќе надминат и 25 степени, додека во Повардарието и во југоисточните предели температурата денес ќе се искачи до околу 30 степени. И во Скопје  и околината денес температурата ќе се искачи близу 30 степени.