Skip to main content
Култура

Трето издание на Деновите на поезијата, од 14 до 16 мај

09/05/2026  09:47

„Поезијата е свртена кон човекот, се создава за него и ги дели неговите соништа”. Под ова мото, кое му го должиме на Ацо Шопов, годинава ќе се одржи третото издание на Деновите на поезијата, од 14 до 16 мај, во Скопје Сити Мол.

Соништата на нашите поети – оние што се со нас, и оние што веќе ги нема – ќе бидат во срцевината на програмата, со која фондацијата „Ацо Шопов – Поезија” доследно продолжува да гради мостови меѓу генерациите. 

Традиционално, манифестацијата ќе започне со одбележување на јубилеи на истакнати македонски поети и творци: Васил Куноски и Волче Наумчески (родени 1916), Блаже Конески (1921), Видое Видичевски, Илхами Емин, Анте Поповски, Љупчо Стојменски и Љубен Ташковски (1931), Петар Т. Бошковски и Михаил Ренџов (1936), Светлана Христова-Јоциќ (1941), Атанас Вангелов и Васил Пујовски (1946). 

Во текот на Деновите ќе бидат одбележани и јубилејните родендени на Јован Стрезовски, Иван Чаповски, Ефтим Клетников, Катица Ќулавкова, Ванчо Полазаревски и Гордана Јовиќ-Стојковска. На поетската сцена ќе настапат и современите македонски поети: Лира Бојку, Ристо Василевски, Вероника Димоска, Саранда Мехмеди, Нино Наумовски, Елена Пренџова, Михајло Свидерски, Милена Силјаноска, Стефан Спасовски, Виолета Танчева-Златева и Лејла Шериф Емин.

Истовремено, манифестацијата ја зајакнува и својата меѓународна димензија. Минатата година, публиката имаше можност да се запознае со младиот грчки поет Сотирис Минас, кој остави силен впечаток во јавноста, а му беше оддадена почит на сенегалскиот поет Леополд Седар Сенгор (1906-2001). Годинава, пак, како почесна гостинка ќе настапи Дорис Карева, од Естонија, едно од најзначајните имиња во современата европска поезија.

Како што е вообичаено, најновата поетска генерација ја заокружува агендата на манифестацијата. Овојпат, во чест на Анте Поповски, поканети се млади добитници на наградите кои го носат неговото име.

Годинава се навршуваат и 55 години од првото издание на „Златно славејче”, како и 90 години од раѓањето на Александар Џамбазов, кој заедно со Васил Пујовски го иницираше овој фестивал. Затоа, во сабота 16 мај, поетската сцена на фондацијата „Ацо Шопов-Поезија” и Скопје Сити Мол ќе се претвори во еден прекрасен поетски и музички лавиринт, низ кој публиката ќе ја води Игор Џамбазов. Предвидена е и интерактивна програма во која учествуваат ученици од основните училишта „Ацо Шопов” и „Владо Тасевски”. 

Голем број деца од целата земја се очекуваат и на Државниот рецитаториски натпревар за ученици од основно и средно образование кој ќе се одржи во киното Синеплекс.

Во Синеплекс настапува и ПОЕТРОНИКА со концертот „Кон Ацо Шопов” – современ музичко-поетски омаж на неговото творештво. За влезниците информации можат да се добијат на Инфопултот во Скопје Сити Мол.

Публиката и овојпат ќе биде вклучена во програмата преку интерактивни содржини за кои се предвидени пригодни награди. Посетителите ќе имаат можност да запишуваат свои стихови на „Ѕидот на поезијата”, како и да учествуваат во наградната игра „Поетско тркало на среќата”.

Како новитет, Деновите на поезијата годинава го воведуваат Поетскиот саем на книгата, замислен како простор за средба меѓу поетите, издавачите и читателите, како и за промоција на современата поетска продукција.

Воедно, за првпат една македонска поетска манифестација станува дел од агендата на „Поетската пролет” — француска иницијатива која со текот на времето добива сè поизразен меѓународен карактер и претставува значајна платформа за светска поетска и културна размена.

Партнери на настанот се Филолошкиот факултет „Блаже Конески”, Факултетот за драмски уметности и Факултетот за музичка уметност, при УКИМ, основните училишта „Ацо Шопов” и „Владо Тасевски”, издавачките куќи „Литература.мк”, „ПНВ Публикации” и „Чудна Шума”, Македонскиот ПЕН Центар, Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература, младинското здружение „Култура бета”, како и киното Синеплекс.

Агендата е достапна тука

Фондација „Ацо Шопов – Поезија”