Skip to main content
Македонија

Филипче: Македонските работници имаат најниски плати во Европа

08/05/2026  23:48

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, од Битола упати остри критики кон Владата и премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи дека економската состојба во државата се влошува, а граѓаните се оставени без поддршка.

Во објава на Фејсбук, Филипче порача дека додека Владата зборува за економски успеси, реалноста за граѓаните е сосема поинаква.

„Додека Мицкоски продава приказни за ‘економски успеси’, македонските работници имаат најниски плати во Европа, инфлацијата достигна 5,7%, цените секојдневно растат, сиромаштијата се продлабочува, странските инвестиции се паднати за 60%, економијата оди надолу. Луѓето се оставени сами, без никаква поддршка од власта, со празни џебови и празни фрижидери“, напиша Филипче.

Тој посебно се осврна на состојбата во Пелагонискиот регион, оценувајќи дека земјоделците и сточарите се доведени на раб на опстанок.

„Во Пелагонија состојбата е особено тешка. Млекопроизводителите и сточарите се оставени на милост и немилост на млекарниците, без контрола, без заштита и без грижа од ресорното министерство. Секој ден е борба да се зачува производството и егзистенцијата“, истакна лидерот на СДСМ.

Филипче обвини дека Владата не исполнила ниту едно од ветувањата дадени пред граѓаните и дека, како што наведе, наместо за народот, се грижи за „бизнис интереси, криминални тендери и богатење на блиски луѓе“.

„СДСМ е подготвена повторно да ја врати државата во рацете на граѓаните“, порача Филипче по денешната партиска средба во општинската организација на СДСМ во Битола.