Skip to main content
Свет

Багеи: Иран го разгледува предлогот на САД и своите ставови ќе му ги пренесе на медијаторот, Пакистан

06/05/2026  17:29

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, денес за ISNA изјави дека Иран го разгледува предлогот на САД за прекин на војната што трае повеќе од два месеци и дека ќе ги пренесе своите ставови на медијаторот, Пакистан.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно денеска изјави дека Вашингтон ќе започне со бомбардирање на Иран на значително повисоко ниво и интензитет отколку пред прекинот на огнот доколку Техеран не се согласи со договорот.

„Под претпоставка дека Иран ќе се согласи да го исполни она што беше договорено, што е можеби голема претпоставка, веќе легендарниот „Епски бес“ би завршил, а многу ефикасна блокада би овозможила Ормуската Теснина да биде отворена за сите, вклучително и за Иран“, напиша тој на мрежата Truth Social.

Трамп истакна дека ако Иран не се согласи, бомбардирањето ќе започне и дека, за жал, тоа ќе биде на многу повисоко ниво и поинтензивно отколку порано.

Како што објави претходно денеска „Аксиос“, повикувајќи се на американски претставници запознаени со преговорите, САД и Иран се приближуваат кон постигнување прелиминарен меморандум за разбирање што би можел да означи крај на сегашниот конфликт и да го отвори патот за подетални преговори за нуклеарната програма на Иран.

Според тие изјави, Вашингтон очекува одговор од Техеран за клучните точки од договорот во следните 48 часа, и иако сè уште не е постигнат договор, изворите проценуваат дека двете страни се најблиску до договор од почетокот на конфликтот.