
Уставниот суд денеска, на 12 седница поведе постапка за оценување на уставноста на член 37 став 1, во делот „родено на територијата на Република Северна Македонија“ од Законот за заштита на децата. За Судот во оваа фаза од постапката клучно е начелото на еднаквост гарантирано со член 9 од Уставот. Имено, дете чии родители се државјани на Република Северна Македонија стекнува државјанство по потекло и по таа основа мора да ги ужива истите права како и сите други граѓани, односно право на еднократна парична помош од државата.
Пред Уставниот суд основано се постави прашањето дека со оспорената одредба се прави разлика меѓу деца родени во државата и деца родени во странство, иако и едните и другите имаат родители државјани на Република Северна Македонија. Според Судот, самото место на раѓање не може да биде основ за ограничување на право кое им припаѓа на државјани по сосема друг основ, односно по потекло.
Во таа насока, Судот изрази сомнеж дека Законодавецот без легитимно и разумно оправдување ги става во понеповолна положба децата родени надвор од државата, со што се повредува уставното начело на еднаквост, но и индиректно се навлегува во слободата на движење на граѓаните.
Судот, земајќи претпоставена ситуација изрази сомнеж во неуставноста на одредбата, односно секоја бремена жена има право слободно да патува согласно својата здравствена состојба, а раѓањето во странство може да биде резултат и на непланирани или предвремени околности, без притоа да постои намера за трајно иселување. Токму затоа, Уставниот суд цени дека местото на раѓање не смее да биде критериум за нееднаков третман на децата на македонски државјани.

