Skip to main content
Македонија

Повеќе разбирање и поддршка за жените – здравствените работници се обучуваат за перименопауза

06/05/2026  16:48

Перименопаузата е природен дел од животот на секоја жена, но често доаѓа со многу прашања, несигурности и промени кои не секогаш се препознаени или разбрани. Токму затоа започна серија обуки за здравствени работници, со цел да се унапреди пристапот и грижата за жените во овој важен период.

Обуките се реализираат врз основа на Водичот за перименопауза, развиен преку соработка помеѓу ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување и МАГО – Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари.

Фокусот е ставен на матичните лекари и гинеколозите оние на кои жените најчесто први им се обраќаат. Целта е тие навремено да ги препознаат симптомите, да ја разберат состојбата и да понудат соодветна поддршка.

Во рамки на првата серија обуки, веќе се обучени повеќе од 40 здравствени работници – значаен чекор кон тоа повеќе жени да добијат разбирање и квалитетна грижа таму каде што најмногу им е потребна.

Перименопаузата може да трае и до 10 години. За многу жени, овој период носи промени – од топли бранови и нарушен сон, до анксиозност и промени во расположението. Според Светска здравствена организација, повеќе од 70% од жените искусуваат вакви симптоми. И покрај тоа, за оваа тема сè уште ретко се зборува доволно јавно и отворено.

Во време кога дезинформациите за женското здравје се лесно достапни, особено на интернет, потребата од точни, проверени и разбирливи информации е поголема од кога било.

Во нашата земја сè уште недостигаат систематски податоци за перименопаузата, што ја прави оваа иницијатива уште поважна. Водичот е создаден од тим експерти од различни области, гинекологија, ендокринологија, психијатрија и примарна здравствена заштита  за да понуди практични и применливи решенија.

Целта е едноставна, но значајна: жените да не се чувствуваат сами во овој период, туку разбрани, поддржани и информирани.

 Перименопаузата не е болест – таа е дел од животот. Но, секоја жена заслужува да помине низ овој период со достоинство, грижа и поддршка.

Затоа што зад секој симптом стои жена која треба да биде слушната. Обуките се реализираа во рамки на проектот „Унапредени здравствени права на девојките, жените и ранливите групи”, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата „Цивика Мобилитас”.