Skip to main content
Скопје

Повеќе паркинг – места и нова хуманитарна зона во општина Центар

05/05/2026  14:25

ЈП Паркинзи на Oпштина Центар воведува нов модел на организација и користење на јавните паркиралишта, насочен кон поголема достапност на паркинг просторот за жителите, подобра ефикасност во управувањето и унапредување на квалитетот на услугите.

Новите решенија овозможуваат појасна организација на паркинг системот и подобра контрола и поефикасно користење на постојните капацитети, со што се создаваат услови за намалување на сообраќајниот притисок и поттикнување на поодржливи навики во движењето низ градот.

Остварените средства од наплата на услугите ќе бидат ставени во функција на амбициозен инвестициски циклус насочен кон модернизација на инфраструктурата, унапредување на техничките решенија, дигитализација и подобрување на услугите за граѓаните. Измените опфаќаат и усогласувања кај дел од услугите и надоместоците што се однесуваат на месечните паркинг карти, комерцијалните услуги и услугите на пајак-службата, сè со цел одржување на квалитетот, ефикасноста и одржливоста на системот.

Како дел од новините, ЈП Паркинзи воведува и Зона Х – хуманитарни паркинг места, кои ќе бидат јасно обележани и наменети за поддршка на ранливи категории граѓани. Средствата собрани од користењето на овие паркинг места ќе се донираат за хуманитарни цели, во соработка со Црвен крст на Република Северна Македонија.

„Со овие измени воведуваме појасен и поправеден систем на користење на јавните паркиралишта, во кој жителите го задржуваат приоритетот во секторот на живеење. Истовремено, создаваме основа за сериозен инвестициски циклус, модернизација на инфраструктурата и унапредување на услугите што секојдневно ги користат граѓаните.

На овој начин поставуваме поодржлив модел што ќе овозможи подобро управување со паркинг просторот и поквалитетна услуга на долг рок” изјави Душко Коцевски, директор на ЈП Паркинзи на Општина Центар“.

Според градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ова е пример како едно јавно претпријатие може да креира решенија кои се функционални, одржливи и во интерес на граѓаните.

„Овие измени се во насока на појасно уредување на повластеното паркирање и поефикасно користење на јавниот паркинг простор. Целта е жителите да имаат подобра достапност до паркинг во близина на своите домови, а системот да биде пофер, поодржлив и подготвен за понатамошни инвестиции и модернизација. ЈП Паркинзи покажува дека со добар пристап може да се воведат ред, поголема достапност и нова вредност во користењето на јавниот простор, вклучително и преку хуманитарните иницијативи“, истакна Герасимовски.

Со овие измени се поставува основа за појасен, пофункционален и поодржлив систем на паркирање, усогласен со реалните потреби на граѓаните и урбаното живеење.