Skip to main content
Македонија

Европската интеграција се претвора во бескрајна транзиција

05/05/2026  14:05

Европската интеграција во Западен Балкан сè повеќе го губи својот трансформативен потенцијал и се претвора во продолжен и неизвесен процес, покажуваат најновите анализи подготвени во рамките на Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија, соопшти Европското движење во Република Македонија.

Според експертите, клучниот проблем не е недостигот на стратегии, туку недостигот на политичка волја за нивна доследна имплементација.

„Политичката волја во регионот е претежно тактичка, а политичката поларизација системска – комбинација што ја претвора европската интеграција во бескрајна транзиција“, се вели во анализата објавена во двете последни публикации на Националната конвенција.

Анализите дополнително укажуваат дека корупцијата останува длабоко вкоренет проблем, и покрај засилената реторика и реформски напори.

„Корупцијата останува структурен и долгорочен проблем што ја поткопува довербата во институциите“, се истакнува понатаму во анализата.

Експертите оценуваат дека процесот на евроинтеграција е значително политизиран и оптоварен со идентитетски и уставни прашања, што дополнително го забавува напредокот.

Публикациите се базираат на регионални анализи и дијалози со претставници на институциите, правосудството, академската заедница и граѓанскиот сектор од Македонија, Србија и Албанија, но пред се на 7 дебати што Националната конвенција ги организира во текот на 2025 година.