Skip to main content
Македонија

Почина новинарот и активист Рамуш Муарем – Цирко

04/05/2026  23:04

Почина Рамуш Муарем – Цирко, познат македонски новинар, уредник, актер и долгогодишен активист за правата на Ромите, на 64-годишна возраст. Веста за неговата смрт брзо се прошири на социјалните мрежи, каде бројни колеги, пријатели и граѓани се простуваат од него со емотивни пораки.

Муарем подолг период се борел со болест, оставајќи зад себе значаен белег во медиумскиот и општествениот живот во земјата.

Информацијата за неговата смрт ја сподели и Габриел Бајрам, син на поранешниот политичар Амди Бајрам, кој се прости со трогателни зборови.

„Се збогувам со тебе, драг Цирко, беше вреден и прекрасен човек. Енергијата која ја носеше со себе и ја ширеше меѓу луѓето даваше надеж дека нештата не се така темни“, напиша Бајрам.

Цирко беше најпознат по култната емисија Циркотека, која се емитуваше на ТВ БТР и стекна голема популарност кај публиката. Емисијата остана препознатлива по автентичниот хумор, спонтаните моменти и сцените кои и денес често се споделуваат на социјалните мрежи.

Покрај телевизиската кариера, Рамуш Муарем беше препознаен и како гласен борец за правата на ромската заедница – човек кој преку својата работа и јавни настапи настојуваше да гради мостови меѓу луѓето и да придонесе за поголема еднаквост и разбирање.

Неговото заминување претставува голема загуба за македонското новинарство и јавната сцена, особено меѓу ромската заедница, додека спомените за неговата енергија, хумор и посветеност ќе продолжат да живеат меѓу генерациите што го следеа.