Skip to main content
Македонија

Нокс: Регионалниот пристап носи модерен, ефикасен и одржлив систем за управување со отпад со реални придобивки за граѓаните

03/05/2026  10:33

Во интервју за МИА, Рајан Нокс, извршниот директор на SALAR International од Шведска се осврна на регионалниот систем за управување со отпад (РСУО) кој според Нокс претставува клучна реформа која има потенцијал суштински да го подобри начинот на кој се управува со отпадот во земјата.

Најголемата разлика, како што посочи Нокс, е тоа што регионалниот модел ја заменува фрагментираноста со соработка и заедничка испорака на услуги. Наместо секоја општина да работи сама, се создава систем во кој се споделуваат ресурси, инфраструктура и знаење, и се поттикнува меѓуопштинската соработка. Овој пристап овозможува изградба на модерна инфраструктура – регионален центар за управување со отпад, трансфер станици и собирни центри – како и постепено затворање на дивите депонии и воведување селекција на отпад. Според Нокс, тоа директно се рефлектира врз квалитетот на услугите: „За граѓаните, придобивките се многу конкретни: поквалитетни услуги, почиста животна средина и подобри можности за рециклирање. Во суштина, ова го трансформира управувањето со отпад од низа од парцијални локални решенија во модерна јавна услуга.”, нагласува тој. 

Имплементацијата на РСУО во Пелагонискиот и Југозападниот регион е поддржана од проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво”, финансиран од Шведска, а  кој го спроведува SALAR International во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС. Како што истакна Нокс во интервјуто за МИА, една од најзначајните промени постигната преку оваа соработка, покрај изработката на локалните акциски планови и јакнењето на капацитетите на општините е воспоставувањето на регионалниот или меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад (МОУО), кој ги обединува сите 18 општини од Пелагонискиот и Југозападниот регион и овозможува заедничко донесување одлуки и координација, што е особено важно, бидејќи сигнализира зголемена посветеност кај општините.

Во исто време, како резултат на оваа соработка се бележи и зголемување на вклученоста на граѓаните преку кампањи, училишни програми и пилот-иницијативи за селекција на отпад, што е важен предуслов за долгорочната одржливост на системот. Нокс посочи дека општините сè повеќе се отвораат за дијалог со граѓаните и граѓанските организации, поддржани од методологијата воведена од SALAR International, што е и еден од начините како шведското искуство се пренесува во земјата.

Во таа насока, Нокс посочи дека искуството од Шведска ја потврдува важноста на регионалниот пристап – функционалниот систем се темели на меѓуопштинска соработка, јасни одговорности и доверба од страна на јавноста – принципи кои сега се адаптираат и во македонскиот контекст. Како што нагласи Нокс, ваквите системи, исто како и шведскиот кој се градел со децении, се развиваат постепено и континуирано, што ја нагласува потребата од долгорочна посветеност и доследна имплементација. Трансформацијата веќе е започната, а регионалниот пристап претставува најодржливиот пат напред кон создавање ефикасен и модерен систем за управување со отпад, истакна Нокс во интервјуто за МИА.