Skip to main content
Македонија

„За плата се бориме, не се молиме“ синдикалците излегоа на протест

01/05/2026  12:30

Сојузот на синдикати на Македонија денеска го организираше Првомајскиот работнички протест барајќи зголемување на минималната плата и раст на сите плати.

Под мотото „За плата се бориме, не се молиме“ стотици граѓани тргнаа од пред седиштето на ССМ минувјќи покрај Собранието, Сојузот на стопански комори па до крајното одредиште, зградата на Владата.

На почетокот на маршот претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов се заблагодари на присутните на протестот, додавајќи дека дел од работниците ќе ги гледаат од прозорците и ќе чекаат некој друг да им обезбеди повисоки плати.

Според него, денес во Македонија околу 260.000 работници живеат со плата под 600 евра, а само неколку илјади луѓе излегле на протест за 1 Мај.

„Веројатно сликата која е креирана во ова општество е таква, дека треба да се покориме и потчиниме, но нема да го направиме тоа. Да живее 1 Мај, продолжуваме со борбата и протестот до Владата“, порача Трендафилов.

Потоа од пред зградата на Владата, Трендафолов испрати нови пораки, потенцирајќи дека работниците денес не се заштитени на своите работни места.

„Денес дојдовме да им кажеме дека, додека ги потпишуваат колективните договори под притисок на синдикатите, а благодарение на протестите и штрајковите кои ги организиравме ние и вие заедно, денес водат борба за укинување на еден колективен договор кој ќе значи за една категорија работници минималец, а ќе значи за сите работници во следниот период исто така минималец.

Во текот на вчерашниот ден беше истакнато дека тие планираат минималната плата да изнесува 500 евра до крајот на мандатот на оваа влада. Ние бараме минималната плата да се зголеми. Две години одбиваат да ја зголемат затоа што не сакаат да вратат работничко достоинство.

За жал, голем број работници денес гинат на своите работни места. Наутро заминуваат на работа, а навечер не се враќаат. И никој не презема ништо за нивна заштита“ порача Трендафилов.