Skip to main content
Македонија

Алиша до Владата: Ни ветувавте повеќе, сега ни го скративте животот

30/04/2026  23:54

Лицата со попреченост во Македонија се чувствуваат изневерени од политичките ветувања и институционалната незаинтересираност, порача Суарет Алиша од Коалицијата „Менуваме“ во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV.

Алиша посочи дека додека биле во опозиција, ВМРО-ДПМНЕ ветувале двојно зголемување на часовите за лична асистенција – од 80 на 160 месечно, но по доаѓањето на власт, наместо подобрување, следувало кратење.

„Не сме експеримент за некој да се игра со нашите судбини. Ни ги скратија часовите и фактички ни го ограничија движењето и социјалниот живот“, рече Алиша.

Тој остро го критикуваше и Министерството за социјална политика, предводено од министерот Фатмир Лимани, оценувајќи дека тоа е најслабото министерство во државата.

„Тоа стана асоцијално министерство каде работат луѓе без никакви познавања за попреченоста“, изјави тој.

Едно од главните барања на Коалицијата „Менуваме“ е лицата со попреченост да бидат внесени во Член 9 од Уставот, со што нивните права би добиле трајна уставна гаранција.

Според Алиша, слепите лица имаат Брајово писмо, глувите свој знаковен јазик, што е доволна основа за уставно признавање и посебна заштита.

Тој побара и посебен Народен правобранител – лице со попреченост, кој директно би ги застапувал нивните интереси.

Во гостувањето откри и дека најавените покачувања на додатоците за попреченост „исчезнале“ од веб-страниците на институциите, додека контролите во центрите ги оцени како апсурдни.

„Нам ни наоѓаат искривени плочки и стари четки, а во самото Министерство лифтовите не работат и нема пристапни тоалети. Државата треба да биде огледало, а моментално е хаос“, истакна Алиша.

Тој најави дека ако не се оствари средба со премиерот и не се решат проблемите, ќе побараат оставка од министерот Лимани.