
Намалувањето на часовите за лична асистенција отвора сериозни прашања за поддршката на лицата со попреченост и нивните семејства. Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, лиценцираниот личен асистент Филип Ѓорѓиевски говореше за предизвиците со кои се соочува во својата работа, особено поради кратењето на работните часови.
Според него, новите промени директно влијаат врз секојдневниот живот на корисниците и нивните најблиски.
„Досега бев присутен речиси секој ден, по дваесетина дена во месецот, а сега асистенцијата се сведува на половина – само првите две недели по неколку часа“, објаснува Ѓорѓиевски.
Тој додава дека ваквата состојба најмногу ги погодува семејствата, кои се принудени сами да се организираат во деновите кога нема асистенција.
Работата на личен асистент, како што посочува, бара континуитет, особено кога станува збор за лица со комплексни здравствени состојби, како Мултиплекс склероза, болест со специфични симптоми која бара постојана грижа и внимание.
Ѓорѓиевски истакна дека обуката што ја добил преку Црвен Крст била сеопфатна и му овозможила да се справува со различни ситуации – од помош при движење до извршување на секојдневни активности.
Веќе две години работи како личен асистент, а првите средби со корисниците ги опишува како голем предизвик и ново животно искуство. Иако претходно имал контакт со лица со попреченост, работата со корисник во инвалидска количка за него претставувала сосема нова реалност.
„Со текот на времето, преку работа на терен, се доусовршуваме и стекнуваме дополнително искуство“, вели тој.
Покрај физичките ангажмани, професијата носи и силен психолошки товар.
„Треба да се најде златна средина – природно е да се поврзеш со луѓето, но мора да се задржи и професионалната дистанца“, нагласува Ѓорѓиевски.
Особено тешки се моментите кога асистенцијата е најпотребна, а предвидените часови веќе се потрошени. Тогаш семејствата остануваат сами да се справуваат со сите обврски, што уште еднаш ја отвора дебатата за потребата од системски решенија и континуирана поддршка.
Разговорот во „Ноќно студио“ испрати јасна порака – системот за лична асистенција мора да се унапреди за да обезбеди квалитетна и непрекината грижа за оние на кои им е најпотребна.

