
„Без личен асистент, јас го губам времето за работа, а моето семејство ги губи средствата за преживување“, вели Славе Тримчески во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, преку својата лична приказна откривајќи ја суровата реалност со која се соочуваат многу семејства во државата.
Тој посочува дека услугата личен асистент за нив не е никаква привилегија, туку неопходна поддршка без која секојдневниот живот би бил речиси невозможен. Асистентот доаѓа по четири часа дневно и ги презема домашните обврски кои неговата сопруга, поради болеста, не може да ги извршува, а тој самиот не успева да ги постигне.
Станува збор за подготовка на оброци, перење облека, одржување на хигиената во домот, како и средување на дворот и надворешниот простор. Најважно од сè, оваа помош му овозможува на Тримчески да излезе од дома и да се обиде да заработи дополнителен приход за семејството.
Но товарот не застанува тука. Тримчески открива дека и самиот се соочил со сериозни здравствени проблеми, откако пред неколку години доживеал мозочен удар со излив, што значително му ги нарушило мемориските способности.
И покрај тоа, продолжил да работи во Македонски Телеком, на позиција која барала постојана концентрација и следење на аларми за интернет и телефонија низ државата.
„Ти велат: ‘Ќе се обучиш во од, не се секирај’. А потоа, кога ќе се случи пропуст, ти велат дека тоа е ‘општа култура’ и ти врачуваат отказ“, раскажува Тримчески за својот тежок професионален крај.
По губењето на работното место, семејството останало без редовен приход. Затоа, можноста за кратење или укинување на услугата личен асистент ја гледа како директен удар врз нивниот опстанок.
„Ако нема кој да помогне дома, јас нема да можам ни повремено да работам. Тоа значи дека остануваме без ништо“, предупредува Тримчески.
Неговата порака е јасна – за семејствата кои живеат со болест, невработеност и постојана потреба од грижа, личната асистенција не е луксуз, туку единствен начин да се избегнат сиромаштијата и очајот.

