
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека долгорочно решение на конфликтот во Украина не е можно без решавање на, како што ги нарече, „основните причини“ на кризата.
„Најважно е дека без решавање на основните причини на украинската криза, праведно и долгорочно решение е невозможно“, рече Лавров на прес-конференција по разговорите со казахстанскиот министер за надворешни работи, Јермек Кошербаев.
Тој наведе дека Русија е заинтересирана за продолжување на преговорите за решавање на конфликтот врз основа на постојните договори со Соединетите Американски Држави.
„Остануваме заинтересирани за продолжување на преговарачкиот процес врз основа на постојните руско-американски договори. Вчера, во телефонски разговор со претседателот на САД Доналд Трамп, претседателот Владимир Путин ја потврди оваа наша позиција“, изјави Лавров.
Тој оцени и дека воените дејствија на САД и Израел против Иран негативно влијаеле врз состојбите во Каспискиот регион.
Рускиот министер за надворешни работи повика и на континуирано следење на состојбата во Либан, како и на блокадата на формирањето палестинска држава.
„Сметаме дека е важно да не се изгуби од вид она што се случува во Либан, а особено ќор-сокакот што настана и од кој нема видливо излезно решение во врска со создавањето на палестинска држава“, нагласи Лавров.

